Иранските власти во северната иранска провинција Мазандаран вчера му ја ампутирале раката на Иранец обвинет за 28 кражби, пренесува иранската новинска агенција „Фарс“.
Човекот бил обвинет и за поседување и продажба на дрога како и за продажба на украден имот. Во соопштението од судот се тврди дека човекот ограбил 28 куќи во градот Махмудбад. Според информациите од Мазандаран, грозоморната казна била извршена во затворот Сари во северната иранска провинција според Член 198 од Кривичниот законик на Исламската Република.
„Политиката на судството е сериозно, без двоумење, да се спротивстави на оние кои го нарушуваат јавниот ред и безбедноста на општеството и оние кои ги крадат имотите на луѓето“, се вели во соопштението од судот.
Членот 198 од Кривичниот законик на Исламската Република има голем број услови за казната со ампутација. Меѓу главните услови е лицето кое е казнето да нема ментални нарушувања, да не било принудено да го изврши кривичното дело и да не го сторил делото во време на глад.
Иран е контролиран од строга исламска теократија уште од Исламската револуција во 1979 година. Ампутација на рацете е пропишана казна за крадците во светата книга на исламот, Куранот. Ривалот на Иран, Саудиска Арабија, исто така спроведува вакви средновековни казни. Сепак, повеќето современи исламски земји имаат правосудни системи компатибилни со меѓународното право за човекови права.
Според „Иран хјуман рајтс монитор“, во Иран се изречени најмалку 215 казни за ампутации меѓу 2007 и 2017 година. Извршени се најмалку 125 од овие казни – шест од нив во јавност. Дел од тврдокорните исламисти во Иран сакаат да видат повеќе вакви казни.
„За жал, за да не бидеме осудени за прашања поврзани со човековите права во Обединетите Нации, ние се откажавме од некои божествени закони“, рече Мохамед Џафар Монтазери, државен јавен обвинител на Иран, на 17 јануари 2019 година.
Иран е меѓу најголемите џелати во светот. Повеќето егзекутирани Иранци се од етничките малцинства во земјата, вклучувајќи Курди, Балучистанци, Арапски Ахвазијци и Азербејџански Турци.
Иран егзекутира и деца-прекршители. Двајца 17-годишници биле меѓу 173-те лица што ги погуби државата од средината на јули 2019 година, изјави во средата експерт на ОН.
„Имаше и седум пријавени случаи на егзекуции на деца во 2018 година. Во моментов има околу 90 лица, кои во моментот зна извршувањето на делот биле помлади од 18 години, што чекаат смртна казна,“ изјави Џаваид Реман, специјален известувач на ОН за човековите права во Иран, пред Генералното собрание на ОН.