Левица: Незаинтересираноста на ЕУ за Македонија е пораз за владејачките елити

Блокирањето на патот кон ЕУ претставува пораз на целиот политичкиот естаблишмент во државата. Тие, „поразените” и безидејни кои се собраа на таканаречена Лидерска средба, не можат да најдат решение, туку изговор пред народот и смисла за нивната понатамошна бесмислена политичка егизстенција во заробената Република!

Но, народот не беше поразен сега! Не смееме да продолжиме да ги колективизираме поразите, а победите да ги приватизираат тие кои одбиваат да понесат одговорност за состојбата на заедницата.

Целиот политички естаблишмент, не само што не ги трпи последиците од нивните расипнички политики, туку, напротив – профитира од таквата состојба! И датумот за отпочнување на преговори со ЕУ е фундаменталистички претставено како решение на проблемите кои токму тие ги предизвикаа, а да го добиевме, тој единствено ќе им послужеше на бизнисмените, транзициските профитери и бирократите блиски до власта.

Јасно се гледа дека ЕУ е бирократска унија која што го штити капиталот и во нивниот последен извештај, каде што беше испратена критика до македонските власти за недостатокот на напори за приватизација на ЕЛЕМ, а позитивно беа оценети приватизациите на Тутунскиот Комбинат и Еурокомпозит.

АСНОМ-ските вредности на солидарност со сите опресирани народи, колективно поседство на јавните и природните ресурси и политичка власт на работниците се излезот од бедата и сиромаштијата на угнетените, излез на кој политичкиот естаблишмент веќе 30 години ни ја нуди безидејната (но комплетно профитерска) ЕУ алтернатива. Поданичкиот однос спрема шовинистичките политики на странскиот фактор е погубен за Република Македонија и тој ни ги донесе единствено Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, иако ни ветуваа дека со нив мед и млеко ќе тече во Републиката!

Откако ќе ја освои власта, Левица најитно ќе ги раскине овие погубни договори и ќе се заложи за политичко и кривично гонење за сите субјекти кои постапија спротивно на демократски изразената волја на народот, кои ги приватизираа јавните добра и го фрлија народот во беда и кои сервилно играа како што Западот свиреше за лично богатење и просперирање!

#ПриклучиСе

Треба да знаете
Последни објави