Украинскиот лев бек Олександр Зинченко, денеска во Барселона беше подложен на операција на коленото, а според проценката на лекарите, фудбалерот на Манчестер сити на терен ќе може да се врати за околу шест недели.
Отсуството на 22-годишниот Зинченко е проблем за „граѓаните”, бидејќи тие на листата на повредени од поодамна веќе го имаат дефанзивецот Ејмерик Лапорт. Родри кој наместо во средниот ред, беше приморан да игра одбрана, исто така е повреден, па нема да настапи в недела против Астон Вила во мечот од Премиерлигата.
Зинченко објави фотографија од болнички кревет после операцијата, и се гледа дека е добро расположен. Тренерот Гвардиола рече дека коленото на Украинецот морало да биде „исчистено”, и дека очекува да го има на располагање за пет до шест недели.