Триесетина деца во училница се трудат да ја разберат наставничката и да ги сработат задачите кои ги добиваат. Меѓу нив е и Абдула кој ги гледа другарчињата и вредно се труди да се вклопи во одделението. Не го разбира јазикот на наставничката, но го разбира детскиот јазик. Учи математика, но и букви од македонската азбука. Абдула е син на едно од семејствата на мигранти кои побарале азил во државата.
Во одделението учи со другарчиња кои посетуваат второ одделение. Ништо невообичено- ученици и наставничка во второ одделение. Но доволен е само еден поглед и да сфатите дека возраста на децата е различна. Едни се со полни 13 години, други имат само седум. Сите се деца на бездомни родители кои од оваа година од општината Шуто Оризари се префрлени во подрачното училиште во Визбегово.
Директорот на училиштето, Златко Тапчановски е директор на училиште со најневообичанена паралелка на второоделенци во државава. Тој за 24 инфо вели дека Абдула не е сам во нивното училиште. Друштво му прават уште две ученички од други две семејства Хибе и Хала кои се во петто одделение.
-Паралелката на наставничката Вера Атанасовска е многу необична. Во неа учи дете кое е од Пакистан, а во училиштето имаме и две од Сирија. Нивните родители се сместени во Прифатниот центар на лица кои бараат азил во државава. Но во истото одделение има и 22 деца кои се родени од 2006 до 2012 кои се соученици на Абдула и сите се во второ одделение- вели Тапчановски. Децата се Ромчиња од Прифатниот центар за бездомни лица во Визбегово.
-Ова е организирано од здружението „Амбрела“. Во комуникација со нив и со општина Бутел решивме децата од ромските семејства кои немаат дом да учат во нашето подрачно училиште. Исто беше и со децата од родителите кои бараат азил. Од Прифатниот центар за баратели на азил преку општина Бутел се обратија овде до нас и побараа децата да посетуваат настава- вели првиот човек на училиштето.
Вера Атанасовска е наставничката која во моментов работи со 32 дечиња. Бројкта е многу голема ако се знае дека минатата година во нејзиниот клас биле само десетина деца. Од годинава во истиот клас се дојдени 22 деца од Шуто Оризари, а и Абдула. За него вели дека ја надминал јазичната бариера и се труди да постигне се што треба.
-Децата од Сирија и Пакистан се со надмината јазична бариера. За мојот ученик можам да кажам дека веќе пишува, работи и комуницира со другите деца. Добро се вклопи во средината- вели Атанасовска.
Директорот на училиштето вели дека децата имаат родители, но немаат дом. Сместени се во прифатните центри. Едните во тој за баратели на азил, дригите во центарот за бездомници. Во однос на наставата сега се чека Бирото за развој на образовани кое треба да изготви пррограма. Направенеи се инклузивни тимови со програми прилагодени на овие деца.
И наставничката и директорот очекуваат во најбрз можен рок да излезат програмите. Иако сега Ромчињата се во второ одделение тие кои ќе ја совладаат програмата можат да се запишат во погорните одделенија соодветни за возраста.
Благодарение на здружението „Амбрела“ сите имаат изводи, запишани се во матичната книга, а како ќе напредуваат ќе покаже времето.
Директорот вели дека се надеваат дека ќе добијат уште една наставничка во второ одделение каде во моментов има 32 деца.
-Со новите измени на Закон за образование намален е бројот на деца во едно одделение но само во прво . Сега сме во процедура да добиеме согасност од Министерството за образование да добиеме уште еден наставник- вели Тапчановски.
Абдула и неговите другарчиња ги оставивме да продолжат со часот со ветување дека за неколку месеци повторно ќе ги посетиме. Од нив добивме ветување дека следниот пат ќе можат да го прочитаат текстот кој го направивме за најнеобичното второ одделение во државава.
Валентина Ангеловска
фото: Слободан Ѓуриќ