Елмас: Дај Боже да се пласираме на Светско, ќе направам голема торта на плоштад

Македонскиот дијамант Елиф Елмас нема да може да ѝ помогне на Македонија задутре вечер во Палермо против европскиот првак Италија, поради суспензија за жолти картони, ама младиот фудбалер на Наполи, ветува спектакл ако црвено-жолтите напишат историја и се пласираат на првото свое Светско првенство, во Катар на крајот на годинава.

Елмас беше еден од клучните фудбалери за пласманот на Македонија во мундијалскиот бараж, ги даде двата клучни гола за победата со Исланд и заверката на плејофот со второто место во групата, ѝ даде гол на Германија за епската победа во квалификациите и сега најавува дека на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе направи торта ако се счучи – чудото. Македонија треба да ја помине Италија во полуфиналето, а Елмас би бил во комбинација за финалето на гости со победникот од втората полуфинална пресметка Португалија или Турција.

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски и Елмас дадоа интервју за УЕФА ТВ магазинот во пресрет на бараж мечот со Италија.

-Секогаш кога ќе бидам повикан за репрезентацијата на Македонија, едвај чекам, со срце, да дојдам да играм. Дај боже да се пласираме, со задоволство и без никаков проблем ќе направам торта. Ако треба на плоштад ќе направам торта – само да се пласираме на Светско првенство“, вели Елмас за УЕФА ТВ.

Македонскиот „дијамант“ има семеен бизнис со познатата слаткарница Мандарина во скопска Автокоманда, па веќе го знае бизнисот.

-Секогаш се трудам да научам, гледам, зашто занаетот е многу важен и некогаш ќе ти (за)треба во животот, вели Елмас

Треба да знаете
Последни објави