Руската воена полиција патролира по три рути во близина на сириско-турската граница

Конвои на руската воена полиција патролираа по должината на сириско-турската граница во понеделникот по три рути, изјави генерал-мајор Алексеј Бакин, началник на Рускиот центар за помирување на спротивставените страни во Сирија, пренесува ТАСС.

„Руските воени полицајци ја продолжуваат својата мисија да помогнат да се обезбеди сигурност за населението и да се одржи законот и редот, да се спроведат патроли во одредените области и да се олесни повлекувањето на курдските единици за самоодбрана и нивното оружје на оддалеченост од 30 км од сириско-турската граница. На 28 октомври, конвои на руската воена полиција спроведоа патроли во три правци: Каракозак-Кобани-Коран и назад, Кумашли-Факира и Ќамишли-Семалка“, рече тој. На 22 октомври, рускиот и турскиот претседател, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, потпишаа меморандум за заеднички активности во североисточна Сирија. Според договорот, руската воена полиција и сириската војска се распоредени во областите во непосредна близина на зоната на турската операција во Сирија, од пладне на 23 октомври.

На курдските вооружени единици им беа дадени 150 часа да го напуштат појасот широк 30 километри долж турската граница, по што руските и турските сили почнаа со заеднички патроли во областа. Рускиот центар за помирување продолжува да ги исполнува зададените задачи по завршувањето на воената кампања во Сирија. Службениците на центарот редовно патуваат низ ослободените области на земјата за да ја проценат хуманитарната состојба.

Главните напори на руската војска сега се насочени кон помош на бегалците кои се враќаат во своите домови и евакуација на цивилите од зоните на деескалација.

Треба да знаете
Последни објави