Либанскиот премиер Саад ал Харири попладнево поднесе оставка, во момент кога неговата земја ја потресуваат немири поради најавените економски реформи.
Речиси две недели траат протестите во Либан, а демонстрантите бараат оставка од Владата заради големото незадоволство во јавноста по откриените случаи на корпуција, во кои се вмешани политичари од владејачките партии.
Претходно денеска шаторите на демонстрантите поставени во централниот дел на Бејрут беа запалени, откако нивниот камп беше нападнат од вооружени мажи со стапови.
Напаѓачите извикувале слогани поврзани со шиитското движење Хезболах и групата Амал, а кон местото на инцидентот веднаш биле испратени безбедносни сили.