БиХ осудена во Стразбур поради неможноста да организира избори во Мостар

Босна и Херцеговина е осудена денеска за дискриминација од страна на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) поради неспособноста да организира општинските избори во Мостар, ситуација што го натера еден жител на Мостар да ја тужи Владата на својата земја, јави дописникот на МИА.

Последните општински избори во Мостар (југ) беа организирани во 2008 година. Следните избори не можеа да се одржат поради немање политички договор за тоа како да се организираат.

Ирма Баралија, 34-годишна жителка на Мостар, град поделен меѓу нејзината хрватска (католичка) и босанската (муслиманска) заедница по војната 90-те години, поднесе жалба до ЕСЧП во 2018 година. Иако е индивидуална, оваа пресуда индиректно ги засега сите гласачи на овој град со 106.000 жители. Членка на мултиетничката Наша партија, Ирма Баралија тврди дека е спречена да гласа или да излезе на избори.

-Судот заклучи дека државата не успеала да преземе мерки за да ја заштити Ирма Баралија од дискриминаторски третман врз основа на нејзиното место на живеење и да одржи демократски избори во Мостар, се наведува во соопштението за пресудата на ЕСЧП. Од Владата на Босна и Херцеговина се бара да го измени „во рок од шест месеци” законодавството, со цел да се овозможи одржување на избори во Мостар. Изборите во 2012 и 2016 година не се случија заради правниот вакуум создаден со одлука на локалните судови.

Во 2010 година Уставниот суд на Босна, повикан од хрватските општински советници, донесе одлука дека посебниот систем на гласање што се применува во тој град е дискриминаторски. Како резултат, Изборната комисија веќе не може да одржи избори во Мостар, во очекување на договорот од најголемите партии од двете заедници. Сите нивни обиди да постигнат договор за нов систем на гласање, не успеаја. Поништените правила беа наметнати во 2004 година од страна на меѓународната заедница, со цел повторно обединување на градот што никогаш не успеа. Од 2008 година, градот го предводеше градоначалникот Љубо Бешлиќ, лидер на најголемата хрватска партија ХДЗ. Неговиот мандат редовно го продолжуваше Изборната комисија. Од друга страна, општинскиот совет веќе не постои од 2012 година, кога заврши неговиот четиригодишен мандат.

Според судот од Стразбур, градоначалникот „не го поседува потребниот демократски легитимитет”, а ЕСЧП исто така смета дека таквата состојба е некомпатибилна со поимот „вистински демократски политички систем”. Според пописот во 2013 година, 48,4 отсто од 106.000 жители на Мостар се Хрвати и 44,2 отсто Босанци.

Треба да знаете
Последни објави