Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека е „елиминиран” и наследникот на лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал Багдади, кој викендот беше убиен во операција на американските војници во Сирија.
– Само што добив потврда дека американските сили исто така го елиминираа заменикот број еден на Багдади. Тој многу веројатно го презеде водството. Меѓутоа и тој е мртов, напиша Трамп на Твитер.
Тој не го наведе идентитетот на лицето ниту околностите на неговата смрт. За сега не е јасно дали Трамп мислеше на смртта на портпаролот на ИД.
Курдските сили претходно соопштија дека при напад во северниот дел на Сирија убиен е Абу Хасан ал Мухаџир, десната рака на Ал Багдади и портпарол на ИД.
Трамп во неделата објави дека Ал Багдади е убиен во операција на американските сили во сириската провинција Идлиб.