Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари средба со специјалниот претставник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Метју Палмер.
На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.
Претседателот Пендаровски истакна дека одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи следната година, како и очекуваното скорешно зачленување на Северна Македонија во НАТО алијансата, ќе даде дополнителен импулс за натамошно зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете пријателски држави.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на американскиот Сенат и изрази уверување дека ќе продолжи безрезервната поддршка на САД за остварување на стратешките цели на Северна Македонија.
Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја истакна важноста на неодамнешната посета на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, на Северна Македонија, оценувајќи ја како потврда за стратешкото партнерство меѓу двете земји и заедничките заложби за стабилен и просперитетен регион.
Во таа насока, на средбата претседателот Пендаровски истакна дека за земјите од Западен Балкан не постојат други алтернативи, освен членство во Европската Унија.