Барселона има нов спонзор: Култниот „Камп Ноу“ го менува името!

Барселона вечерва и официјално го објави новиот спонзорски договор, според кој главен спонзор на каталонскиот гигант од почетокот на новата сезона ќе биде  „Спотифај“- шведската стрим-платформата за слушање музика.
Досегашниот спонзор, јапонската „Ракутен“ пред една година одлучи да него продолжи договорот со Каталонците.

Сите детали се веќе договорени, висината на договорот засега не се обелоденува во јавноста, но каталонските медиуми тврдат дека Барса ќе заработува најмалку 65 милиони евра годишно во наредните три сезони. Како дел од овој договор, „Спотифај“ ќе биде главен спонзор на дресовите на машкиот и на женскиот фудбалски клуб, а стадионот „Камп Ноу“ ќе биде преименуван во „Спотифај Камп Ноу“.

Овој договор ќе стане валиден откако ќе биде верификуван на годишното собрание на Барселона, закажано за 3 април.

-Многу сме горди што можеме да го потврдиме сојузот со врвна интернационална компанија како Спотифај. Со оваа соработка ќе овозможиме оригинални искуства за нашите фанови, ќе ги комбинираме световите на забавата и на фудбалот, воедно и ќе ја приближиме Барса до уште поголем број на луѓе ширум светот“, изјави претседателот на Барселона, Жоан Лапорта.

Треба да знаете
Последни објави