Идејата за Мал Шенген што произлезе од декларацијата за намери потпишана од премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, по ветото што го стави францускиот претседател Емануел Макрон за стартот на преговорите на Скопје и Тирана со ЕУ, аналитичарите ја оценуваат како добра идеја, но само доколку е надополнување на преговарачкиот процес, а никако замена на интеграцијата во ЕУ.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу за МИА вели дека идејата не е лоша, но нагласува, од ЕУ треба да се побара да се обврзе дека нема да подигне уште поголем ѕид помеѓу неа и Балканот.
– Малиот Шенген не може да биде замена, затоа што концептот на Шенген е друг концепт. Тоа не е концепт на здружување на држави, туку е концепт на слободно движење. Шенген е градот каде што е потпишан тој договор за слободно движење на производи и луѓе и тоа како идеја не е лоша, но тоа подразбира и повеќе импликаци – царинскиот режим, режимот на движење на луѓе, на стоки. Треба обврски да преземе и ЕУ, да не се случи Балканот да направи Мал Шенген, а тие да подигнат уште поголем ѕид помеѓу Балканот и ЕУ. Така што, како идеја нема ништо лошо. Сите граѓани во овој регион кои патуваат, би го поздравиле Малиот Шенген, но тој да биде супституција на европските интеграции, мислам дека не е одржливо затоа што ни граѓаните не би го прифатиле, вели Муслиу според кого регионално здружување не би имало ни одржливост, а ни политичка логика.
Џелал Незири од Центарот за истражувачко новинарство – СКУП, од Скопје, исто така, категоричен дека е ова многу добра иницијатива, но не може да биде замена за интегрирање во Европската унија.
-Оваа идеја не може да биде замена за европската перспектива. Но, сепак, е добра иницијатива со оглед на фактот дека на Балканот границите секогаш биле проблем и секогаш биле извор на конфликти и на војни. Така што оваа иницијативи би придонела кон олеснување на протокот и на стоката, но и на луѓе, проток кој би значел поголема интеграција на Балканот, пацифизација на Балканот, би значело и многу поголем економски напредок за земјите од регионот, вели Незири
За директорот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис”, Марко Трошановски, идејата за Мал Шенген не е нова, а секогаш се доживувала како замена за проширувањето. Според него, сите форми и модалитети на соработка се дојдени, а на оваа вели, може да се гледа како на надополнување на преговарачката методологија.
-Не би требало да се гледа на тоа црно-бело. Сите форми и модалитети на соработка кои овоможуваат поврзување и регионална соработка се доберојдени. Мобилност на пазарот на труд, бесцаринска трговска размена, инфраструктурано поврзување и заеднички настап на пазарите може да донесе само нова вредност во регионот, но и подобар партнер и попосакувани идни членки на ЕУ. Во конктекст на проширувањето ова може да биде надополнување на преговарачката методологија. Јасно е дека во ЕУ ни од далеку не постои консензус за друга алтернатива на проширувањето и оттука во контекст на тековните дебати околу новата методологија, ваквото поврзување само ќе ја подобри спремноста на регионот за интеграција во идната архитектура на ЕУ каква и да е таа. Очекувам дека Европа во повеќе брзини е насоката во која ќе се размислува, но тоа ќе биде долг процес и за нас е неприфатливо да го чекаме да заврши па потоа да почнеме преговори. Тоа ќе го турне целиот регион, како што и веќе почна да прави, во спирала на квази демократии, нестабилност и економско назадување. Во крајна линија без намалување на јазот во приходите, дури и со членство во ЕУ само ќе се забрза депопулацијата на регионот, истакнува Трошановски.
Неразбирливо вето, но регионот нема друга алтернатива освен ЕУ
За предлогот на претседателите на Северна Макеоднија и Албанија, Стево Пендаровски и Илир Мета за регионален самит на кој земјите од Западен Балкан би се обврзале да продолжат на патот кон ЕУ, Муслиу оценува дека сите тие декларации се добри, а така би било и овој пат, и ја смета за добра порака и за нашите европски партнери. Но, додава, разликата помеѓу минатото и овој пат е, вели, што ние добивме вето без некој одржлив аргумент, што е и најголемиот проблем на ова вето.
-Во изминатиот период и децении кога добивавме вета тие имаа логично разрешување. Колку и да беше парадоксален проблемот со Грција, сепак, тој проблем беше решавачки. За жал, овој пат тоа не се случи. Ние имаме проблем на другата страна, проблем од страната кон која тежнееме поради тие европски вредности и поради објективноста. Се покажа дека од другата страна имаме балканско политичко однесување. Поради нивните внатрешни нерасчистени прашања ние добивме вето, иако сите, односно поголемиот број од нив се изјаснуваа дека треба да добиеме почеток на преговори. Ова ќе го поврзам и со Шенгенот. Европските интеграции со почнување на преговорите тие траат и секое релаксирање на движењето на добрата и на луѓето во овој регион во процесот на евроинтеграции е добар, значи нема тука ништо лошо, ние затоа ја имаме и ЦЕФТА и други модели на регионално организирање, но сите тие беа со цел забрзување на европските интеграции, а не цел сама по себе, подвлекува Муслиу.
Незири во идејата за самит на кој земјите од регионот ќе ја реафирмираат стратешката определба за интерација во ЕУ, гледа одлична иницијатива.
-Македонија ја има таа улога да биде промотор на зближувањето на балканските народи и земји. Македонија го покажа и докажа тоа со болните компромиси кои носеа добри односи со соседите како со Грција така и со Бугарија, остана на европскиот пат, на прозападниот пат и по ветото на Франција минатата недела, така што една таква иницијатива на претседателот е во вистинско време и на вистинско место. Балканот после тоа вето има потреба за сплотување зошто, да се разбереме, европската перспектива значела еден вид замена за проектите на народите на Балканот кои предвидуваа големи држави, промена на границите. Без таа перспектива има опасност тие проекти повторно да заживеат, а нивното заживување би значело нови конфликти на Балканот. Оваа иницијатива е сепак превентива или унапредување на веќе почнатите добри односи меѓу народите или меѓу државите на Балканот или отпочнатиот процес на европеизација на Балканот. Без оглед на тоа како Франција ќе делува и ќе постапи во иднина, Балканот има потреба од европеизација, има потреба од вакви модерни и конструктивни иницијативи како што е оваа на претседателот Пендаровски, порачува Незири.
Трошановски, исто така, со поддршка на иницијативата за балкански самит, со став дека сите земји на Западен Балкан, без оглед дали почнале преговори или не, се во иста каша.
– Резервираноста кон Македонија и Албанија ги тангира и Србија и Црна Гора и нивните перспективи ги прави неизвесни. Апсолутно ја поздравувам идејата на нашиот претседател. Не може да има подобар тајминг, а ниту посоодветна порака испратена едногласно од лидерите на Западен Балкан околу приоритетот да се има извесна перспектива за ЕУ-членство, но очекувам и изјава и резултати за посветеноста на таквиот приоритет, истакнува Марко Трошановски.
Премиерите на Северна Македонија, Зоран Заев и на Албанија, Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 11-ти овој месец, во Нови Сад ја потпишаа декларацијата за намери за воспоставување на Мал Шенген меѓу трите земји. Воедно, ги повикаа и останатите земји од „Балканската шесторка” – Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово да ја потпишат декларацијата за да се осигура слобода на движење на капитал, стока, услуги и луѓе. Следната средба на „тројката” е веќе закажана за 10 ноември, во Охрид, каде се очекува да бидат потпишани неколку договори за соработка.
Шефицата на европската дипломатија во заминување Федерика Могерини и лидерите од Западниот Балкан, на прошталната вечера синоќа во Брисел, покрај жалењето изразено поради одлуката на Европскиот совет да не отвори преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, се согласиле дека ЕУ интеграцијата на регионот останува клучна стратешка цел, во заеднички интерес на ЕУ и на регионот. Претходно, иста порака упатија и претседателот на Европскиот совет во заминување Доналд Туск, претседателот на Европската комисја Жан Клод Јункер и поголем дел од лидерите на земјите – членки на ЕУ.