Богдан Митевски кој пред една година со својот автомобил усмрти 15-годишен средношколец во Штип и предизвика протести во градот е осуден на затворска казна од пет и пол години, објави 24 Вести. Возачот пред судот признал вина.
Момчето беше прегазено на пешачки премин пред средното училиште „Коле Нехтенин“ со брзина од преку 80 километри на час и влечено 20-тина метри, по што се здоби со тешки телесни повреди на главата и почина откако две недели беше во кома.
Сообраќајката што се случи лани во ноември на протест ги извади учениците и родителите од средното училиште „Коле Нехтенин“, но и од други училишта. Со блокада тогаш побараа безбеден премин преку булеварот.
Набргу потоа од општина Штип почнаа со изградбата на кружен тек и се поставија лежечки полицајци. Во Штипската клиничка болница на тешко повредениот ученик, кој беше во бессознание, му беа извршени две операции на главата, но поради сериозноста на повредите, тој беше префрлен на натамошно лекување во Скопје, каде што почина.