Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) објави повик за учество на обука за млади новинари на тема „Писменост за вести и дигитални алатки за проверка на факти”.
На дводневната обука која ќе се одржи на 16 и 17 ноември во хотел Градче, Кочани, право на учество имаат новинари и новинарки помлади од 35 години без разлика на искуството, како и студенти по новинарство.
Учесниците на обуката ќе се стекнат со теоретски и практични знаења од областа на медиумската и писменоста за вести, со клучните концепти и принципите на медиумската писменост и различните типови на дезинформации и погрешни информации. Ќе зборуваме и за визуелните дезинформации, за алатките за препознавање и проверка на фактите, како и за нивната примена.
Обуката ќе опфати теми и за концептот на новинарството како јавно добро и како јавниот интерес да биде препознаен.
Рокот за пријавување е до 7 ноември 2019 година, а секој заинтересиран треба само да испрати кратка биографија на електронската пошта на ССНМ: ssnm.info@gmail.com
Обуката е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести” кој ССНМ го спроведува во партнерство со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Медиа дајверзити институт од Лондон. Проектот е финансиран од Европската Унија, а обуката е поддржана и од Меѓународната федерација на новинари.