Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ пишува дека Европската унија веќе не нуди убедлива перспектива за проширување кон регионот на Балканот, што го намалува влијанието на Западот и го зајакнува влијанието на други земји.
На почетокот на анализата за слабеење на влијанието на ЕУ на Балканот и зајакнувањето на тоа на Русија, Кина и Турција, се вели дека само една недела откако ЕУ го одбила почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија поради француското вето, српската премиерка Ана Брнабиќ во Москва потпишала договор за слободна трговија меѓу Србија и руската Евроазиска економска унија, пренесува „Дојче веле“ на српски јазик.
Авторот на статијата, Фолкер Пабст, констатира дека не постои сомнеж оти ЕУ и Западот значително ја изгубиле довербата и можноста за влијание на Балканот и дека со тоа се овозможува поголемо влијание од Русија, Кина и Турција.
За Русија се вели дека е популарна кај православните христијани кои ја сметаат за чувар на конзервативните вредности и за противтежа на декадентниот Запад, додека пак Турција се поврзува со муслиманите на Балканот.
Авторот проценува дека зајакнувањето на влијанието на овие земји повлекува реални ризици за полуостровот.
„Москва се бори против зајакнување на западното влијание во регионот, особено влијанието на НАТО. Русија притоа одлично умее да ги инструментализира историските линии на раздвојување и латентната нестабилност во регионот. Во извесна смисла, Анкара го извезува своето разбирање за владеењето на правото и сè повеќе бара помош при прогонот на противниците на турската влада. Големите проекти финансирани од Кина, а до кои често се доаѓа со помош на корупција, имаат потенцијал да го поткопаат владеењето на правото“, пишува Пабст.
Сепак, како што пренесува „Дојче веле“, швајцарскиот весник не смета дека се големи шансите балканските земји да се свртат кон Москва или Анкара и истакнува дека обемот на надворешна трговија со Русија изнесува само шест проценти, додека трговијата со Европската унија е 73,5 проценти.
Швајцарскиот весник посочува и на тоа дека Москва, Анкара и Пекинг не дејствуваат заедно во однос на влијанието на Балканот, туку имаат различни интереси.