Министерството за труд и социјална политика ја спроведува втората фаза од обуките за водење на случај и докуметација, којшто е нов метод на работа предвиден со социјалната реформа и во пракса треба да профункционира кон крајот на годинава. Во обуките се вклучени 650 вработени од сите центри за социјални работи и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Воведувањето на управуавњето со случај и новата документација се дел од севкупната реформа на системот на социјалната заштита, со кој корисникот и неговото семејство се во центарот на вниманието и нивните индивидуални потреби ќе бидат основа за обезбедување на правата и услугите кои се предвидени во новиот Закон за социјална заштита. Дoполнително со овој принцип на работа се зајакнува соработката помеѓу Центрите за социјална работа и Центрите за вработување преку активацијата на корисниците на ГМП, каде со координирана и заедничка акција ќе понудат мерки и активности за зголемување на вработливоста и како крајна цел вработување на корисниците на правата од социјална заштита, со што трајно треба да излезат од кругот на сиромаштијата. Како дополнителна поддршка на новиот метод на работа на Центрите за социјална работа, а во насока на поголема пристапност и достапност до правата и услугите од социјалната заштита, односно сервиси блиски до граѓаните се отвараат и општински канцеларии за социјална работа во сите 80 општини во државата. Истовремено тече јавниот повик до општините во Република Северна Македонија за пројавување на интерес за развој на социјални услуги во локалните заедници , за што се обезбедени вкупно 10,8 милиони евра од заем на Светска Банка.
На овој начин обезбедуваме поквалитетна социјална и детска заштита и полесен пристап до правата и услугите за граѓаните. Обезбедиме ефикасна и ефективна употреба на ресурсите на заедницата, професионална тимска работа, како и надминување на проблемите што произлегуваат од поделбата на услугите.