Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, прими претставници на Здружението на лица заболени од дијабетес „Шеќерче – Лолипоп” од Велес и на Сојузот на Здруженија на дијабетичари на Македонија. На средбата преставниците на здруженијата го информираа Претседателот за состојбата со болеста дијабетес во земјава и го запознаа со своите активности коишто се посветени на влијанието врз политиките за подобри услуги и поголема грижа за здравјето на лицата со дијабетес.
За претставниците на здруженијата, загрижувачки е податокот дека бројот на заболени од дијабетес во Република Северна Македонија е во пораст. Од 120.000 пациенти со дијабетес, 40.000 примаат инсулинска терапија, а зголемениот број на заболени од дијабетес тип 2 е резултат на забрзаното темпо на урбанизација, стареењето на популацијата, седечки начин на живот, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност и поголем внес на нездрава храна. Во таа насока, беше истакната потребата од подигнување на јавната свест за дијабетесот, промовирање на размена на квалитетни информации за дијабетот и обезбедување на едукација и подобри здравствени услуги за лицата со дијабетес. Претседателот Пендаровски даде силна поддршка на граѓаните кои се соочуваат со дијабетот, и додаде дека е особено важно да се работи на унапредување на достапноста на третманот и воведување иновативна терапија од страна на релевантните здравствени установи, како и подобрување на здравствените услуги, со цел да им се овозможи поквалитетен живот на нашите граѓани кои се соочуваат со дијабетес. Претседателот Пендаровски ги охрабри соговорниците да продолжат со нивните активности и ангажман, со што ќе се направи важен чекор за подобрување на здравствената состојба на лицата со дијабетес во нашата држава.