Украина, која заедно со македонската фудбалска репрезентација е дел од квалификациската група Ц, ќе се обиде да избори пласман на ЕУРО 2024 со нов селектор, откако соработката со досегашниот предводник Олександр Петраков е прекината.
„Искрено му благодариме на Петраков за високиот професионализам на селекторското место и му посакуваме многу успех во иднина. Неговите незаборавни победи како селектор со националниот тим ќе останат запишани со златни букви во историјата на украинскиот фудбал”, соопшти синоќа Фудбалската федерација на Украина (УАФ).
Петраков застана на чело на украинската репрезентација во август 2021 година и под негово водство Украина на 15 натпревари оствари шест победи, седум нерешени и два порази, а беше на чекор да обезбеди пласман на Светското првенство во Катар, но во финалето од плејофот загуби на гостински терен од Велс.
„За мене овој период од животот засекогаш ќе остане топол спомен во моето срце. Сакам да им се заблагодарам на играчите, членовите на стручниот штаб и персоналот на УАФ за тоа што изминатата година и пол, бевме обединети и инспирирани од идејата за заштита на интересите на Украина на и надвор од фудбалските терени”, изјави 65-годишниот Петраков за официјалниот сајт на УАФ.
Наследникот на Петраков ќе ја предводи Украина во квалификациите за пласман на ЕУРО2024, кои почнуваат во март, во групата Ц со Англија, Италија, Македонија и Малта.
Македонската фудбалска репрезентација ќе ја пречека Украина на 16 јуни во Скопје, а реваншот е закажан за 14 октомври.