Истражување: Во Северна Македонија дневно три до четири жени заболуваат од рак на дојка

Согласно податоците од Светската здравствена организација, ракот на дојка е најфреквентен тип на рак кај жените во светот, во Европа е со инциденца од околу 500.000 случаи годишно а проценката е дека во Северна Македонија, според истражувачката агенција Глобокан, во 2019 година ќе има околу 1.200 ново дијагностицирани случаи годишно, од кои околу 850 само во државните клиники, соопштија од Здружението за борба против ракот на дојка „Борка“. Тоа значи дека секој ден во нашата држава ќе се дијагностицираат по три до четири жени од овој малигном.

Според податоците на Фондот за здравствено осигурување во 2018 година во јавното здравство се реализирани 986 болнички третмани на пациенти со дијагноза карцином на дојка. Од нив 756 биле хируршки третирани, а останатите 230 конзервативно.

Во европски рамки 20-30% од случаите на рак на дојка се јавуваат кај жени помлади од 50 годишна возраст, а 33% кај жени од 50-64 годишна возраст. Карциномот на дојка е најчестиот тип на канцер кај жените, а смртноста од овој вид карцином е на прво место кај жените.

„Според СЗО во земјите каде што има имплементиран скрининг, морталитетот може да се намали до 35%, во нашата земја беше започнат скринингот, но овој период се реоформуваат групите и дијагностичките места, со оптимизам дека наскоро ќе почне да функционира бидејќи раната дијагностика спасува живот“, велат од „Борка“.

Овие податоци беа изнесени на дванаесеттата годишна Национална конференција за рак на дојка која се одржа под мотото „Има живот и после ракот, научи како да го живееш“, на која, исто така, беше презентирана новата иновативна терапија составена од биолошките лекови, од неодамна присутни и во нашата земја. И оваа година, од говорниците беше испратена силна порака до сите жени дека превенцијата, раното откривање и редовните прегледи е основниот и првиот чекор во борбата против ракот на дојка.

„Набавката на иновативната, биолошка терапија, што се практикува веќе насекаде, претставува значаен чекор и најсилниот удар во борбата против ракот, вклучително и ракот на дојка. Со централизирана набавка се обезбедени над 30 молекули скапа биолошка терапија која не е на позитивната листа на лекови, за да им биде достапна на пациентите во болниците. Достапноста на иновативната терапија значи можност пациентот навремено да добие соодветна дијагноза, третман и грижа за своето заболување.Се внимава и се воведуваат најсовремените дијагностички и терапевтски пристапи, како двојното читање на мамографиите од два независни читачи-радиолози кои имаат искуство во читање на мамографии од минимум 800 пациенти, а мамографскиот скрининг се организира согласно Европските насоки за обезбедување квалитет со цел максимално да се зголеми стапката на детекција на ракот на дојката и тоа во најраната можна фаза“, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.

Претседателката на Здружението, Биба Додева, рече дека достапноста до новите ефикасни терапии кои даваат можност за излекување, овозможуваат подобар квалитет и го продолжуваат животот на пациентите.

Треба да знаете
Последни објави