Повеќе од година и половина се возам со „Дурмо турс“ и често автобусите се расипуваа, вратите не се затвораа, немаше клима и слично, изјави Бетим Амети (27) сослушан како сведок на денешното судење за автобуската несреќа кај Ласкарци, а на кое седуммина раскажуваат што се случувало попладнето на 13 февруари годинава.
Амети, рече дека на критичниот ден седел на четвртиот или петтиот ред зад возачот.
-Година и пол се возам со „Дурмо турс“ и до патарината не приметив ништо чудно во возењето. Бев буден, и зошто бев до прозорецот станав да видам што се случува, но веќе автобусот ги проби заштитните огради и излета од патот. Ми изгледаше како да сака да претекне, но нагло свртевме во лево. Често се возев со „Дурмо турс“ и брзината вообичаено ми изгледаше дека е над дозволената, зошто често претекнувавме, но не знам точно на критичниот ден, рече сведокот.
Рече дека не приметил никакво кочење на автобусот или нешто да прави возачот за да го врати автобусот на патот.
-Осетив дека се вртиме и со главата удрив во плафон. Откако паѓа автобусот јас паѓам во несвест. Знам дека ногата ми беше заглавена од багаж и ми помогнаа другите патници да излезам. Откако падна автобусот, само дваjцa или тројца патници кои беа малку повредени беа надвор. Мојата лева нога беше фатена од багажникот и две девојчиња од автобусот ми помогнаа да ја извлечам. После тоа веќе други ме внесоа во кола и ме однесоа во болница. По несреќата го видов возачот, беше таму на нивата, седеше, изгледаше преплашен, плачеше, се присети патникот.
Тој имал негативно искуство со „Дурмо турс“.
-Често автобусите се расипуваа. Вратите не се затвораа, немаше клима и слично. Сообраќајка, само еднаш кај Сити мол со истиот возач кога удри во автомобил, изјави сведокот.
Откако Бетим заврши со неговото сведочење, во судница влезе уште еден патник од автобусот, Душан Стефановски.
Тој рече дека дента автобусот имал звуци како на тресење.
– Кога автобусот почна да го губи правецот заземав позиција да се заштитам, дури ги имав затворено и очите и слушав само звуци на паника, врескање и звуци од удирањето во дрвата, рече патникот кој посочи и дека имал чувство дека автобусот возел побрзо отколку што требало.
Душан се присети и на моментите по излетувањето.
– Бев во бессознание 10-15 минути, потоа се разбудив. Автобусот беше со гумите нагоре. Приметив дека нема стакла на автобусот, јас лежев на стомак, видов еден од мештаните таму во полето и човекот ми помогна, ме извади и ме остави на 3-4 метри од автобусот – рече патникот.
Претходно сведошече Љуљзим Далипи, кој седел во првиот ред, десно од возачот, поради повредите не застана на клупата за сведоци.
Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.