Коалицијата „Сите за правично судење” денеска информираше дека пуштиле во употреба нова веб-страница со судски досиеја, каде за почеток се поставени сите информации за предметите на поранешното Специјално обвинителство.
Од Коалицијата наведоа дека податоците кои тие ги собираат за високопрофилираните предмети на поранешното СЈО, подоцна се предмет на обработка и се една база на која се темелат нивните анализи и истражувања што ги спроведуваа и најчесто канализирањето оди преку дисеминација на тие анализи и заклучоци до надлежните и соодветни институции кои се засегнати со тоа.
– Меѓутоа овој пат решивме сите оние сирови, необработени податоци што ги собираме на дневна основа од судењата поврзано со овие предмети, конкретно на поранешното СЈО, да ги направиме јавно достапни за граѓаните. Генерално ова е од причина што граѓаните најчесто ги добиваат преку медиумите, меѓутоа ги добиваат генералните работи поврзани со предметите, но не и процесните проблеми, процесните квалификации и се она што се случува од некој вид на попрофесионален аспект на анализа на постапките и рочиштата коишто се одвиваат. Врз основа на тоа ја инициравме оваа идеја да креираме потстраница на нашата страна која на еден начин ќе ви биде информативен, но и ресурсен центар за информации коишто се поврзани со вископрофилирани предмети односно конкретно за почеток овие дваесетина предмети на СЈО, образложија од коалицијата „Сите за правично судење”.
На потстраницата „судско досие” можат да се најде опис на предметите, обвинителните акти, краток опис од рочиштата, како и пресудата за случајот, доколку ја има.
Проектот е спроведен со помош и поддршка на „Метаморфозис”