Фудбалерите на Милан дојдоа до злато вредна победа во битката за шампионската титула во Италија, откако вечерва, како гости, го совладаа директниот ривал Наполи (1-0), во меч од 28. коло од Серија А.
Првиот дел од натпреварот беше без премногу сериозни шанси, а доминираше грубата игра и жолтите картони кои ги покажа судијата Даниеле Орсато. Мал проблем во играта на Милан направи малата повреда на Оливие Жиру кој се здоби со расекотина на ногата, но, сепак, успеа да продолжи да игра.
На самиот старт на вториот дел токму Французинот беше егзекутор. Одлично се снајде при шутот на Давиде Калабрија и погоди во мрежата на Оспина. Уште еднаш Жиру го покажа искуството на дело, откако претходно беше клучен човек на дербито со Интер.
Тоа се покажа доволно за големиот триумф на миланезите со кој се искачија на врвот од табелата со 60 бодови, два повеќе од Интер, кој има меч помалку.
Ова беше и прв пораз за Наполи во 2022 година во италијанското првенство, во кое во изминативе нешто повеќе од два месеци имаше пет победи и три нерешени средби.
Нашиот Елиф Елмас влезе во игра во 67. минута, но колку и да се трудеше не успеа да го спречи поразот на својот тим, кој сега е третопласиран со 57 бодови од ист број мечеви како Милан.