Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции пред Комисијата за здравство

Спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции, спречување нивно недозволено производство и промет, како и на растенија од кои може да се добие опојна дрога, и супстанции кои можат да се употребат за нивно производство, заштита на животот и здравјето на луѓето и контрола на употребата и на нивниот квалитет, е целта на донесувањето новиот Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, за кој денеска на седница ќе расправаат членовите на собраниската Комисија за здравство.

Со измените и дополнувањата на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во 2016  година, стои во текстот на Предлог-законот, се уредија условите за одгледување на канабис за медицински цели од правни лица кои по исполнување на условите по односна простор, опрема и кадар, оценети од страна на Комисија формирана од министерот за здравство, добиваат одобрение за одгледување канабис за медицински цели, по претходна добиена согласност од Владата.

Со новиот Предлог – закон се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко, при тоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата.

Досега во државава одобрение за одгледување на канабис за медицински цели по претходно добиена согласност од Владата имаат добиено 29 фирми, со тенденција тој број да се зголемува. Интересот за инвестирање во државава за одгледување на канабис за медицински цели е поради поволната бизнис клима, како и ефтината работна сила на пазарот на трудот. Интересот е зголемен и  поради рапидно зголемената цена на светската берза на маслото од канабис и  сувиот цвет од растението канабис.

При формулирањето на новите законски норми земена е предвид и појавата на нови психоактивни супстанции кои се широко достапни на потрошувачите поради недостаток на правна контрола, преку специјализираните продавници во онлајн продажба подржани со глобални синџири за снабдување што овозможуваат нарачка преку интернет и транспорт на нови психоактивни супстанции што се пакуваат и се продаваат на нелегалниот пазар на лекови, се повеќе се присутни на  територијата на државата.

Системот за рано идентификување во ЕУ информира дека секоја година рапидно се зголемува бројот на нови психоативни супстанциикои кои во најголем број претставуваат значителен ризик по здравјето и животот на потрошувачите.

Преку исполнување на целите за донесување на Законот, треба да се обезбеди систем на размена на информации меѓу институциите надлежни за борба против дрога, ќе се изврши разграничување на термините: одгледување канабис за медицински цели и одгледување на коноп за индустриски цели, што се користи исклучиво за производство на влакно, семе за исхрана на животни, ќе се регулира рекламирањето на растението канабис, производите, препаратите, екстрактите и тинктурите од растението канабис во конечен облик, ќе се основа Агенција за контрола на одгледувањето и производство на канабис и производи од него за медицински и научни цели, ќе се дадат овластувања на јавна здравствена установа што ќе ги врши работите на Центарот за третман и намалување на штети од злоупотреби на дроги од министерот за здравство и ќе се изврши усогласување на законот со европското право во оваа област.

Промовирањето на правните норми на овој закон треба да обезбедат услови кои ќе тежнеат кон намалување на нивната злоупотреба, а истовремено до максимално ниво да го овозможат нивниот пристап за рационална медицинска употреба. Контролата на психотропните супстанции треба да биде средство за оптимизирање на јавното здравство преку создавање услови за нивна правилна употреба во медицински цели, стои во текстот на Предлог – законот.

Треба да знаете
Последни објави