Во наш интерес, интерес на ЕУ, е држави како Северна Македонија и соседните земји да станат дел од Унијата, изјави денеска претседателката на организацијата на жените на Европската народна партија (ЕПП Жени), Дорис Пак на маргините на Третиот македонско-германски форум што денеска се одржа во Скопје.
– Северна Македонија и државите од Југоисточна Европа ги гледам ако дел од ЕУ. Тоа логички се подразбира поради нивната позиција и мора да се потрудиме тоа да се случи по пат на мир, стабилност и демократско владеење. Само така може да станат дел од ЕУ. Не би сакала да споменувам која би била другата варијанта, за жал тоа е она што се случи во 90-те години, истакна Пак.
Потенцирајќи дека никогаш не била поврзана со политичарите во земјава, туку со луѓето, Пак оцени дека нејзина желба е она што се случи на последниот Самит на ЕУ „да биде повик на будење за политичарите” дека конечно треба да работат за она за што се избрани и да ги решаваат проблемите на својот народ.
– Тука мислам на политики во здравството, образованието, подобрување во правосудството, со цел луѓето да се почувствуваат важни, да бидат среќни и повторно да ги гласаат политичарите. На тој начин ќе се добие едно посилно „да” за влез во ЕУ, додаде Пак.
Одговарајќи на новинарско прашање, Пак нагласи дека не чула од опозицијата или од некого во земјава дека се залага за членство во Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), иако, како што рече, можно е такво нешто да биде поттикнато од рускиот претседател Владимир Путин.
– Логички ако размислите каде се наоѓа Северна Македонија. Значи, која е логиката да не одите со ЕУ кога сте среде Европа, туку преку други држави да одите кон Азија. За мене тоа е голема глупост. Нелогично. Доколку ние не продолжиме да се залагаме и да ја повлечеме Северна Македонија во нашата ЕУ, ќе отвориме простор за други играчи кои ќе сакаат своите цели и моќи да ги исполнат тука, порача Пак.
На прашање околу Преспанскиот договор, Пак истакна дека не слушнала некој од ВМРО-ДПМНЕ или нејзиниот лидер да рекле дека го спорат или сакаат „да го турнат”. – Не гласа „за”, но никогаш не рекоа дека нема да го спроведуваат, затоа што тоа е завршена работа, рече Пак.
Според неа, името на државата е решено и политичарите сега треба да работата за доброто на народот.
– Да сум политичар тука точно ќе знам што треба да направам и кои работи да ги преземам, истакна Пак.