Европратеникот од грчката опозициска партија СИРИЗА, Стелиос Кулоглу, достави прашање до Европската комисија во кое бара одговор дали се разгледува можноста за преземање итни мерки и кои би биле тие за „справување со заживувањето на национализмот и да се задржи политичката стабилност во Северна Македонија” по негативната одлука од неодамнешниот Самит на ЕУ за старт на преговорите, јави дописничката на МИА од Атина.
– По (оправданата) одлука на Владата за одржување предвремени избори, земјата е во опасност од политичка нестабилност што веројатно би ја искористиле националистите. Одлуката на претседателот на Европскиот парламент да го посети Скопје е значајна, но потребни се и други слични потези, пишува Кулоглу во прашањето доставено до Еврокомисијата.