Повеќе туристички агенции од регионот организираат патувања низ Србија, поради што српските туристички работници се незадволни бидејќи им земаат „дел од колачот”, изјави претседателот на Одборот за рецептивен туризам во Јута, Мирко Левајац.
– Македонци и Хрвати шетаат туристи низ Калемегдан и Кнез Михајлова, најчесто од Кина и Турција. Дали тоа е согласно правилата и дали важат истити прописи и за нашите туристички агенции во земјите од регионот?, истакна Левајац.
Тој смета дека „домашниот пазар треба да се заштити не само со цврсти законски решенија, туку треба да се подготви работен амбиент каде домашните туристички агенции ќе бидат во предност во однос на странските агенции, со што ќе се придонесе за поголем приход и поквалитетно претставување на туристичките потенцијали”.
Левајац нагласи дека туристичките водичи од околните земји не им даваат вистински информации на туристите кои доаѓаат да ја запознаат Србија.
Тој додаде дека ниту една од овие странски агенции досега не е казнета, објаснувајќи дека „решение за таквата активност на регионалните агенции е да се воведе контрола на нивната работа, која треба да биде регулирана со закон за туризам”.