Јокиќ летово ќе стане најплатен кошаркар во историјата на НБА

Фантастичните партии на Никола Јокиќ ќе ја „примораат“ управата на Денвер нагетс уште летово да ја активираат клаузулата за супермаксимален договор, со која српскиот кошаркар ќе стане најплатен во историјата на НБА.

Ова го потврди неговиот менаџер, Мишко Ражњатовиќ, кој објасни дека тимот од Колорадо нема да чека премногу и ќе ја искористи својата опција уште во моментот кога неговата ѕвезда ќе влезе во последната година од сегашниот договор. Тоа значи дека Јокиќ од сезоната 2023/24 до 2027/28 ќе има загарантирани 241 милион долари, сума каква што не видел ниту еден кошаркар пред него.

„Според нашите очекувања, договорот очекуваме да биде потпишан уште ова лето, со важност од истиот период следната година. Продолжувањето на максималниот договор е нешто што Никола го заслужи“, изјави Ражнатовиќ.

Ако сѐ биде според очекувањата, Србинот ќе го престигне актуелниот рекордер според договорот, Јанис Антетокумпо, кој има 228,2 милиони долари на пет години. Фантастичната граница од 200 милиони ја минуваат уште тројца кошаркари и тоа Расел Вестбрук од ЛА Лејкерс (206,8 милиони), Руди Гобер од Јута џез (205 милиони) и Стеф Кари од Голден стејт вориорс (201,2 милиони).

Претходниот петгодишен договор, Јокиќ го потпиша за вкупна сума од 148 милиони долари.

Треба да знаете
Последни објави