„(До) Каде се дигиталните редакции во Македонија“, а како работат новинарите во светот, дискусии на третиот ден на ИФФС

Третиот ден на Истражувачкиот филмски фестивал почна во 11 часот во „Кино Култура“  со дискусијата: „Прекугранична соработка на новинари од Грција и С. Македонија“.

Новинарите Тимос Факалис, Билјана Георгиевска Спасовска, Кристина Озимец, Алексија Калаици и Флоријан Шмиц ќе зборуваат за неколкуте успешни примери и како би можеле да отвориме нови можности за зајакнување на соработката меѓу колегите од двете држави кои често се соочуваат со слични предизвици и проблеми.

На работилницата „Видео на барање“ (Video-on-Demand) во 12:30 часот ќе биде презентирана првата домашна Video-on-demand платформа Cinesquare, која е достапна во повеќе од 13 земји и можностите кои ги нуди за дистрибуција на документарни филмови. Говорници се Марина Лазаревска и Саша Станишиќ.

Во 13:30 следи дискусија: „#MoJo storytelling, можностите за развој на мобилно новинарство на домашната медиумска сцена“. ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи, ја започна Програмата за мобилно новинарство и организира обуки за студенти и млади новинари заинтересирани за горливите општествени прашања. Ќе се разговара за можностите што ги нуди оваа програма, како и за иднината на овој новинарски жанр во Македонија. На дискусијата ќе учествуваат: Ивана Настеска, Теодора Цветковска, Флоријан Шмиц, Жарко Настоски, Кристина Озимец, а модератор е Марина Лазаревска.

Во 14:30 ќе се одржи работилница „Дигитализирани редакции – примерот на Svenska Yle“ на која гостинот Матијас Еркиле ќе покаже како Svenska Yle, отсекот на шведски јазик при финскиот јавен сервис, изминатите неколку година активно развива современа, примарно дигитална редакција.

Во 16:30 е закажана проекција на филмот „Како екстремно десничарското движење на Стив Банон згасна во Европа“.

На работилницата „Блокчејн, медиуми и поздрав интернет“ во 18:30 часот Матијас Еркиле ќе ни покаже кои се можностите на блокчејн технологијата во новинарството.

Главната дебата е во 19:45 часот, а ќе видиме „(До) Каде се дигиталните редакции во Македонија“. Може ли да се разговара за иновативен пристап кога се соочуваме со проблеми и предизвици на основно ниво – ниски плати, напори за финансирање независно новинарство, мали редакции соочени со голем обем на работа, сè помалку млади заинтересирани за оваа професија? На дебатата која ќе ја води Ивана Настеска ќе учествуваат: Горан Михајловски, Сашка Цветковска, Билјана Николовска, Александар Манасиев, Ана Петрушева, Магдалена Михајлоска.

Третиот фестовалски ден ќе биде затворен со проекцијата на филмот„Белингкет- вистината во светот на пост-вистината“ кој ќе почне во 21 часот.

Годинава ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ заснована на вистински случувања. Филмот каде Кира Најтли ја игра Кетрин Ган која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во Кино Фросина во МКЦ во 18 часот на 4 ноември како дополнителна програма.

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА заедно со партнерите ФЕС – Скопје од 31 октомври до 2 ноември годинава по трет пат го организира Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, неколкудневен настан посветен на новинарството и медиумите.

Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик. Влезот за сите настани е бесплатен.

Вчера, пак, на фестивалот се дискутираше за Предлог Акцискиот план на Владата за борба против лажни вести и дезинформации, што наиде на сомнеж кај многумина од медиумската сфера и граѓанскиот сектор.

Треба да знаете
Последни објави