Државната комисија за спречување на корупција да го преиспита начинот на донесување на предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, кој Владата го достави до Собранието со европско знаменце, со што бара по итна постапка да биде донесен, бараат дел од невладините организации.
Здружените организации и активисти велат дека и по Законот, граѓаните кои бараат лек од канабис, продолжуваат да го купуваат од црниот пазар, изложувајќи се себе си на ризик од криминализација.
Според активистите со новите законски измени се заоструваат критериумите и се бирократизира постапката за одгледување и производсвтво за канабис, со што се зголемуваат трошоците, а со тоа и цените на лековите од канабис за пациентите. Велат дека Владата си дава одлучувачка улога во доделувањето на лиценци, без надворешна контрола, а спорно е и барањето за банкарска гаранција од 500 000 евра за да се добие лиценца за одгледување на медицински канабис
„Со законот се регулирани условите и начинот за одгледување и производство на канабис за медицински цели на уште порестриктивен начин од досегашниот а, со тоа се овозможуваат услови за монополизација и политичко влијание преку процесите на доделување лиценци.“ – велат од НВО БИЛКА, О2, Плоштад Слобода.
Дел од активистите не гледаат ниту поента во формирањето на т.н. Агенција за контрола на канабисот. Со новата агенција, ќе се трошат парите на граѓаните за да се основа уште еден орган на државна управа, а веќе има институции што се занимаваат со проблематиката, велат од невладините.
Уште една од многубројните спорни измени на законот според нив е и должноста на правните лица да уплатат 10% од приходот во буџетот на државата, за кои Владата ќе одлучи како и за што ќе се користат.
„Овој предлог потекнува од здруженијата на граѓани, но не го отсликува првичното барање, правните лица да издвојуваат 10% во форма на екстракт или цвет за болни кои се финансиски немоќни.“ – велат од НВО БИЛКА, О2, Плоштад Слобода.
Собраниската седница за предлог – законот вчера се одложи. Од министерството за здравство кои се предлагачи претходно соопштија дека европското знаменце го ставиле пораади усогласување на законот со европската легислатива. Активистите пак порачуваат законот да се врати во Министерството за здравство, а Собранието да го задолжи Министерството да организира демократски и транспарентен процес на донесување на законските решенија.
Законот за легализација на марихуаната во медицински цели беше донесен во 2016-та година од страна на претходната влада. Но и покрај легализацијата, активистите со години наназад потенцираат дека на пазарот има мал број на лекови од канабис чија цена е превисока, квалитетот не одговара на потребите на пациентите, па затоа тие и натаму продолжуваат да го купуваат од црниот пазар.