Детектор анкета: Граѓаните сметаат дека затворите се преполни, условите лоши а управата корумпирана
Над 70% од граѓаните сметаат дека се лоши условите во затворите и речи си три четвртини од нив сметаат дека тие треба да се подобрат, покажува последната анкета на Институтот за политички истражувања Скопје, направена по нарачка на Детектор.
Според неа, 70,1% од граѓаните сметаат дека условите во затворите се лоши, а само 11,7% од граѓаните условите ги оцениле како добри. 74,1% од граѓаните сметаат дека условите во затворите треба да се подобрат, 15,5% немаат став, додека 10,4% се на став дека условите во затворите не треба да се подобруваат.
73,2% од граѓаните мислат дека државата треба да вложи повеќе пари за да се подобрат условите додека 15,8% се против државни инвестиции во казнено – поправните установи. 40,9% од анкетираните немаат информација за тоа каква е состојбата во затворите кога станува збор за бројот на затвореници.
25% сметаат дека има премногу затворени лица, 22,2% дека бројот е соодветен, додека 11,8% од граѓаните се на став дека бројот на затвореници е премал. Во споредба со земјите членки на Европската Унија, 61,4% сметаат дека македонските затвори се полоши, 15% дека нема некоја разлика а 6,9% се на став дека во Македонија има подобри услови во затворите.
Речиси три четвртини од граѓаните не се согласуваат затворите да обезбедуваат посебен „ВИП“ третман. 70,6% од анкетираните го делат овој став, наспротив 15,3% кои мислат затворите треба да имаат услови за да обезбедат повластен третман.
Речиси идентична бројка, односно 70,5% од граѓаните сметаат дека во затворите низ Македонија може да се купат одредени привилегии и подобар третман. 23,4% немаат информации додека 6,1% се убедени дека и да имате пари, не можете да си обезбедите подобри услови во затворот.
61,2% од граѓаните сметаат дека сите притворени или затворени лица не добиваат ист третман и покрај фактот дека законот го налага тоа, додека 17,6% сметаат дека секој затвореник е ист за затворската управа, a три четвртини од граѓаните сметаат дека корупцијата е честа пракса во затворите, 21,4% велат дека немаа информации додека само 3,8% од анкетираните сметаат дека во затворите нема корупција.
39,3% од граѓаните сметаат дека притворот често се злоупотребува, додека 27,4% мислат дека тоа се прави само понекогаш. 7,3% од анкетираните се на став дека злоупотребата на притворот ретко се случува во македонскиот правен систем додека само 4,8% мислат дека залоупотреба на притворот воопшто нема.
64,1% од граѓаните се убедени дека политиката е вмешана во одредувањето на мерките притвор и во одложувањето на одредени судења, додека само 10,9% се убедени во спротивното.
Анкетата за потребите на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје во периодот од 4 до 7 октомври, годинава, врз репрезентативен примерок од 1106 испитаници, со маргина на грешка од плус – минус 3%.