Граѓаните на Солун денеска со „тивкиот марш“ оддадоа почит на околу 50.000 Евреи од тој град, кои беа убиени за време на холокаустот во Втората светска војна.
Според грчката новинска агенција АНА, жителите на Солун се одѕвале на повикот на организаторите и учествувале на церемонијата во која биле вклучени марш за еврејските жртви и читање на пригодни стихови во нивна чест.
Маршот започнал на плоштадот Елефтеријас, на кој биле изложени фотографии од „црниот Сабат“ од јули 1942 година, кога нацистичките окупатори почнале да депортираат членови на солунската еврејска заедница во концентрационите логори.
Маршот продолжил кон Солунскиот универзитет и Еврејските гробишта, каде што се читала поезија во спомен на жртвите од нацистичкиот погром.
Професорот на Универзитетот во Солун, Јоргос Јоану, кој е иницијатор на идејата за одржување на маршот, истакнал дека до 80-тите години на минатиот век воопшто не се спомнувале тие 50 000 солунски Евреи, и дека таа тишина предизвикала траума за целиот град Солун.