Обесштетувањето на жртвите од трговијата со луѓе е важно за нивното закрепнување

Бројката на жртви на трговија со луѓе во земјава рапидно расте, без оглед на тоа што имаме добра законска регулатива. Потребно е уште многу работа на ова поле. Според статистиката, 80 проценти од оние кои се жртви на трговија со луѓе се претежно жени, кои се искористени за сексуално ропство, а 20 проценти се ангажирани за принудна неплатена работа. Важно е да се фокусираме на овие прашања бидејќи не ретко жртви на трговијата со луѓе се и децата.

Ова го истакна пред панел – дискусијата по повод одбележувањето на 70-годишнината на Советот на Европа посветена на подорбрување на пристапот до обесштетување на жртвите за трговија со луѓе и родово-базирано насилство, Даниела Рангелова претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите која е коорганизатор на дебатата заедно со Канцеларијата на СЕ во земјава и Амбасадата на Франција, како земја актуелен претседавач со Комитетот на министри при СЕ.

– Проблемот со трговијата со луѓе е многу важно прашање кое не ја засега само нашата држава туку треба да се решава на регионално и меѓународно ниво. Важно е да се идентификува дури и потенцијалната жртва на трговија со луѓе за да може да се превенира, но доколку има жртва потребно е со интерсекторска соработка и со домашните организаци и на регионално и меѓународно ниво да се спречи тоа дело. Важно е и тие што се жртви на трговија со луѓе да можат да се интегрираат во општествниот живот, рече Рангелова.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние истакна дека Советот на Европа е моралната совест на Европа и затоа посакуваат што позајакната улога на ова институција, особено во поглед на спротивставување на секакво насилство врз жените, но и поголема еднаквост меѓу мажите и жените. Тоа се, додаде и основните теми на кои посветено ќе работат во текот на француското претседавање со СЕ.

– РСМ постигна значителен напредок на нормативен план затоа што државта ја ратификуваше Истанбулската конвенција што е многу важно прашање за постигнување поголема еднаквост меѓу мажите и жените и борба против секаков вид насилство врз жените. Претстои уште работа особено во поглед на донесувањето на законот за обесштетување на жртвите. И Франција секојдневно работи на воспоставувањето на нормите и нивното спроведување во пракса, затоа што во однос на реалната состојба, се уште постои одредена разлика меѓу напишаното во текстовите и состојбата на терен, кажа Тимоние.

Учесниците на дискусијата ги поздрави и потпретседателката на Сенатот на Франција Елен Конве-Муре, која е во посета на Скопје со цел да ја искаже својата поддршка на европскиот пат на земјата, искажувајќи при тоа задоволство што својата активност ја почнува токму во Собранието, пред низата состаноци кои ќе ги има во текот на денот со спикерот Талат Џафери, со претставници на собраниски тела и пратенички групи.

– Борбата против секаков вид насилство врз жените е борба која што ние ја водиме во Франција, но исто така и борба за еднакви можности. Тоа е универзална борба која не обединува сите, истакна Конве-Муре.  

Северна Македонија ја ратификува Истанбулската конвенција и таа е во сила од 1 јули 2018 година, а предвидува, меѓу другото, државата да ги преземе сите законодавни и други мерки за да им обезбеди право на жртвите да бараат обесштетување, кое треба да им помогне во закрепнувањето. Претсои земјата да го донесе и законот за исплата на паричен надоместок на жртви од насилни кривични дела, кое вклучува и обесштетување на жртвите на трговијата со луѓе. Предлог законот го израбитува работна група основана од Министерството за правда и е во фаза на финализирање, а се очекува Собранието да го доенсе до крајот на годинава.

Треба да знаете
Последни објави