Палмер: ЕУ мора да се шири на Западен Балкан

Американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, денеска беше во Белград каде се сретна со претседателот Александар Вучиќ, а на средбата стана збор за иднината на Србија, односите со Косово и иднината на целиот регион.
Палмер рече дека сопирањето на процесот на ширење на ЕУ на Западен Балкан е историска грешка и дека таа мора да се исправи.
-САД сака Западен Балкан да има европска перспектива и ќе работиме да ги увериме сите во Европската Унија да го променат ставот, рече Палмер алудирајќи на тоа дека не се почнати преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Тој ја поддржа идејата за „мал шенген“ која економски дополнително би ги обединила државите од Западен Балкан, а кој во поширока смисла ја опфаќа и Босна и Херцеговина.
Вучиќ потсети дека ставовите на САД и Белград за Косово се различни, но дека е благодарен на Палмер што го сослушал мислењето на официјален Белград.
-Палмер ми кажа што не и се допаѓа на Америка во српската политика, а и јас нему нешто му кажав, но не е дипломатски да се открива. Србија е спремна за компромис, но не е подготвена за понижување на својот народ. Благодарен сум на поддршката на САД за иницијативата за нови економски врски на Западен Балкан – слобода на движење на луѓето и капиталот, рече Вучиќ.
Треба да знаете
Последни објави