Иран развива прототип на центрифуга 50 пати побрза од дозволеното со нуклеарниот договор

Шефот на иранската нуклеарна програма, Али Акбар Салехи, најави дека земјата сега работи со 60 IR-6 напредни центрифуги, што е двојно повеќе од она што претходно беше познато и би можело да значи кршење на условите на заедничкиот сеопфатен план за активности (ЈЦПОА) познат и како ирански нуклеарен договор.

Тој исто така изјави дека Иран сега работи на прототип на центрифуга што би била 50 пати побрза од оние што ги дозволува ЈЦПОА. Како дел од нуклеарниот договор, Иран беше ограничен на користење на само 5.060 центрифуги IR-1 од првата генерација за збогатување ураниум.

Салехи го обелодени ова на државната телевизија на 40-та годишнината од преземањето на Американската амбасада во Техеран, додавајќи дека центрифугите IR-6 се способни да произведат збогатен ураниум 10 пати побрзо од центрифугите од првата генерација IR-1 што биле дозволени со договорот што го ограничува Иран да користи само 5.060 од IR-1.

Овој развој на настаните доаѓа откако Техеран почна да се повлекува од своите обврски кон ЈЦПОА – договор што беше потпишан помеѓу Иран и П5 + 1 (САД, Русија, Велика Британија, Кина, Франција и Германија) и чија цел беше Техеран да ја намали својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.

Во мај 2018 година, администрацијата на Трамп еднострано се повлече од ЈЦПОА и почна да ги воведува тешките банкарски и енергетски санкции против Техеран. САД исто така се заканија дека ќе наметнат секундарни санкции против која било земја која купува нафта од Иран.

Една година подоцна, Техеран ја објави својата одлука делумно да суспендира некои обврски од договорот, а на другите потписнички да им даде 60 дена да го спасат договорот со олеснување на извозот на нафта и трговијата со Иран.

Кога истече тој рок, иранскиот заменик министер за надворешни работи, Сејед Абас Арагчи, објави дека неговата земја е подготвена да почне со збогатување ураниум над нивото од 3,66 отсто, додавајќи дека Техеран ќе продолжи постепено да ги напушта своите нуклеарни заложби на секои 60 дена.

Треба да знаете
Последни објави