Машки фармерки, за кои американската аукциска куќа „Холабрд вестерн американа колекшнс“ верува дека би можеле да бидат најстари во светот, се продадени на неодамнешна аукција за 114.000 долари, дознава „Би-би-си“.
Фамерките „Деним“ биле пронајдени во сандак во остатоците на бродот што потона во бродолом во 1857 година во близина на брегот на Северна Каролина.
Тие имаат шлиц со пет копчиња и се верува дека му припаѓале на рудар. Биле откриени заедно со 270 други сувенири од ерата на Златната треска. Некои од нив беа продадени на аукција во „Рено“ на 3 декември за речиси 1 милион долари, соопшти аукциската куќа Holabird Western Americana Collections.
„Овие рударски фармерки се како првото знаме на Месечината, историски момент“, рече Двајт Менли, извршен партнер на „Калифорнија голд маркетинг груп“, компанија која го поседува предметот.
Сите предмети се од остатоците на 85-метарскиот пароброд „Централ Америка“, кој превезувал патници до и од Централна Америка до источниот брег на САД во текот на 1850-тите.