Битола денес одбележува 75 години од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна. Како што информираат градските власти, денешните активности по овој повод започнаа со прием на делегација од Општинскиот одбор на Сојузот на борците во кабинетот на градоначалничката Наташа Петровска.
„На средбата се разговараше за повеќе важни теми кои се однесуваат на заштитата на културно – историските споменици и спомен обележјата подигнати во чест на загинатите борци, како и за повеќе активности во оваа насока кои ќе следуваат во идниот период, а се однесуваат на оддавање достојна почит на оние кои ги положија своите животи за денешната слобода на Битола“, се наведува во соопштението.
Чествувањето продолжило со положување на цвеќе пред спомникот на НОАВМ пред Центарот за култура во Битола, каде покрај градоначалничката Петровска, претставници на Советот на Општина Битола и претставници на Сојузот на борци, присуствувале и делегации од збратимените градови: Епинал и Херцег Нови, како и делегација од пријателската ппштина Конак од Измир, Турција, со која наскоро ќе се случи збратимување.
Градоначалничката Петровска, испрати честитка до сите свои сограѓани, притоа нагласувајќи ја важноста на денешното делување за иднината:
„Денес е празник кој што многу ни значи, заради тоа што, денешницата ја имаме токму заради тие луѓе којшто ја извојуваа победата во едни тешки времиња. Нека ни е честит празникот 4 Ноември и нека ни се множат уште многу години. Да сме здрави, живи и исполнети во нашите срца“, изјави градоначалничката.
Свежо цвеќе беше положено и пред споменикот на Народниот херој Стив Наумов и на Партизанските гробишта во Битола.