Личниот квалитет, придонесот и трудот како услов за напредувањето во Армијата, стипендирање на млади за дефеицитарниоте кадри на Армијата, месечен паушал од 7.000 денари за станбено обезбедување, како и заминување во пензија на 55 години возраст и 40 години стаж со 80 проценти од десетте најдобри години, се дел од новиот закон за служба во Армијата.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска појаснувајќи ги измените во новиот Закон денеска рече дека со него првпат се решава проблемот со станбено обезбедување на припадниците на армијата и со месечниот паушал од 7.000 денари ќе бидат опфатени околу 6.000 припадници на Армијата. Таа појасни дека законот предвидува многу попрофесионално и попредвидливо водење во кариерата.
Армиските припадници, како што рече, таа долго време имале впечаток дека напредувањето, школувањето и шансите кои ги добивале во Армијата премногу зависеле од лични релации, партиите или од политиката.
– Тоа мора да го оставиме зад нас, затоа и во законот предвидуваме процесот на водење на кариера да зависи од личните квалитети, од личниот придонес, од трудот и знаењето. Првпат ги воведуваме и јазичните знаења како еден дел од условите, особено за повисоките офицерски чинови. Со измените се овозможува стипендирање на млади луѓе со цел да ги создаде дефицитарните кадри, како на пример лекари или инженери. На овој начин младите ќе имаат поддршка во студирањето, а Армијата ќе може да смета на нивното знаење по завршувањето на факултетот и во континуитет ќе може да гради кадар кој и е неопходен и без кој не може да функционира една модерна НАТО армија, истакна Шекееринска.
Во однос на разликата меѓу воениот и цивилниот персонал во армиските редови каде што се случува лекар којшто е цивил да има иста плата како професионален војник што работи во ВМЦ, со новиот закон, појасни министерката Шекеринска, ќе се реши така што на сите цивилни лица во Армијата, а најголемиот дел се со високо образование, им се приближуваат платите за да бидат поблиски до примањата на воените лица.
– Во Законот за служба во Армијата предвидуваме можност за пензионирање сега веќе со 55 години возраст и 40 години стаж во којшто влегува и бенефицираниот стаж. Предвидуваме можност припадниците на армијата да заминат порано во пензија, но притоа да добиваат 80 проценти од десетте најдобри години, систем којшто функционираше долги години само во полицијата, но беше недостапен за припадниците на Армијата, нагласи Шекеринска.
Според министерката, сите овие промени во Законот за служба во Армијата имаат цел да покажат дека го заслуживме своето место во НАТО, но од друга страна се докажува дека државата ги цени сите оние коишто направија членството во Алиајнсата да ни биде достижна цел. Ова, рече таа, е однос на нашата држава кон својата армија и однос кон нејзините припадници.