Даночна службеничка жива е запалена вчера во нејзината канцеларија во јужната индиска држава Телангана, поради имотен спор, јави локалната полиција, пренесе Би-би-си.
Вилаја Реди починала на лице место, а еден нејзин колега, кого го зафатил огнот додека се обидувал да ја спаси, починал денеска. На видео снимката од ужасниот настан, која е објавена на социјалните мрежи, се гледа како Реди плаче и моли за помош, потоа на неа некој фрла покривка за да го угасне огнот. Исто така се појави и снимка од местото на настанот по нејзината смрт.
Полицијата соопшти дека го притворила осомничениот за овој напад, кој исто така се здобил со изгореници. Инцидентот се случил околу 13.30 часот, по локално време, откако Реди се вратила од судско рочиште. Во нејзината канцеларија ја пречекал маж идентификуван како К.Суреш.
Двајца нејзини колеги исто така се здобиле со изгореници, додека се обидувале да ја спасат Реди. Едниот од нив рекол дека слушнал врисоци од неговата канцеларија, но дека не можел да влезе бидејќи вратата била заклучена одвнатре.
Сведоци рекле дека Суреш истрчал од зградата со изгореници. Полицијата го видела како оди по улица и го однела во болница. Суреш, кој живее во блиското село, заедно со неговото семејство воделе судска постапка околу земјиште.