Екскурзијата во логорот на смртта во Бухенвалд имала мало влијание врз група германски тинејџери кои не гледале ништо лошо во тоа да играат и да пеат антисемитски песни на место каде што умреле над 56.000 затвореници за време на Втората светска војна, пренесува РТ.
Тројца 14-годишни ученици пуштале песни на телефон и пееле заедно во автобус додека нивниот клас се враќал од посетата на меморијалниот центар во Бухенвалд, кој се наоѓа источно од Дрезден.
Приказната се најде на насловните страници во локалните медиуми кусо време откако наставниците го пријавиле случајот во полиција и била покрената истрага за поттикнување омраза. Инцидентот вознемири многумина со оглед на озлогасеноста на локацијата.
Раководен од екипите на смртта на СС, Бухенвалд примил над 280.000 затвореници во екот на прогонот. Освен Евреите од сите страни на Европа и СССР, меѓу уапсените имало и Полјаци и Роми, како и советски воени затвореници.
Бухенвалд не бил голем како Аушвиц, кој е познат по своите гасни комори, но маките на затворениците биле исти. Некои затвореници биле подложени на брзи егзекуции со бесење или распнување, додека други умреле во медицински експерименти или биле застрелани од стражарите на СС.
До периодот кога американската армија го ослободи кампот во 1945 година, вкупно 56.545 луѓе, речиси секој четврти затвореник умрел таму. По војната, Бухенвалд бил зачуван како меморијал Училиштето во кое учат тинејџерите, именувано по познатиот германски антрополог Тео Кох, е добитник на бројни награди за спрелување на екстремизмот, пишува „Ди велт“. Институтот организира и четиримесечен специјален курс за нацизмот, чија ефективност сега е доведена во прашање.
Антисемитските инциденти се зголемија за речиси 20 отсто меѓу 2017 и 2018 година, а бројот на забележани насилни напади е речиси двојно зголемен според податоците на Министерството за внатрешни работи. Во меѓувреме, комесарот за антисемитизам во германската влада, Феликс Клајн, рече дека не може да им препорача на Евреите да носат кипа насекаде во Германија во кое било време. Забелешката беше критикувана од израелскиот претседател Рувен Ривлин заради, како што рече тој, капитулацијата на антисемитизмот.