Удинезе го запре Милан и освои бод на „Сан Сиро“

Милан го запиша второто реми по ред во Серија А и не ја искористи можност да му избега на градскиот ривал Интер на пет бода разлика, откако Удинезе на „Сан Сиро“ со храбра игра си освои бод (1-1).

Избраниците на Стефано Пиоли на терен истрчаа со цел да го поправат впречатокот од неочекуваното реми со Салернитана во претходното коло и експресно да им се вратат на победите во Серија А, а тоа вроди со плод кон средината на првиот дел. Во 29. минута Леао ја продолжи голгетерската серија во 2022 година и на додавање на Тонали погоди за домашна радост и водство на Милан од 1-0, резултат со кој се замина на одмор.

По неубедливото прво полувреме, Чофи мораше да менува во својот состав за краток период направи три замени и се чини дека го повлече вистинскиот потег, затоа што нововлезениот Удоги во 66. минута го совлада Мањан и израмни на 1-1. До крајот на натпреварот „росонерите“ имаа иницијатива и неколку шанси за ново водство, но Удинезе успешно се бранеше и освои голем бод во битката за опстанок.

Најзрелата шанса за Милан во финишот ја имаше Рафаел Леао, но овој пат младиот напаѓач беше блокиран од гостинската одбрана. Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски повторно не доби шанса за настап за „црно-белите“ од Удине и натпреварот го преседе на клупата за резерви.

Екипата од Милано по 27 одиграни меча се наоѓа на првата позиција со 57 бодови, односно три повеќе од Интер, но исто така има одиграно и два меча повеќе од „нераѕурите“.

Треба да знаете
Последни објави