Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги прокоментира извештаите дека портпаролот на „Дојче веле“, Кристоф Јумпелт, го негирал состанокот меѓу службеник од прес-центарот на руското МНР и претставик на овој медиумски холдинг, пренесува „Спутник“. Захарова посочи на новите објави во медиумите според кои Јумпелт инсистира дeка немало средба со раководителот на прес-центарот на руското МНР и дека „Дојче веле“ нема причини да се извинува за работата на своите дописници и уредници.
„Не, ’Дојче веле‘ не мора да се извинува. Тие по ова треба да се самораспуштат. Невиден срам!“, напиша Захарова на својата страница на „Фејсбук“ на која наведе и делови од состанокот.
Според Захарова, на 7 октомври во 16 часот во првата зграда на руското МНР во Москва, во кабинетот 129, одржан е состанок на заменик-директорот на Одделението за информации и печат, Александар Бикантов, и дописникот на московската редакција на „Дојче веле“, Јуриј Решета, на кој присуствувале и началникот на Одделението за странски дописници и вработени во ова одделение.
„Ги послуживме чај и кафе. Имаше ли и колачи? Секако. Ги нагостивме. Како може ‘Дојче веле’ така бесрамно да лаже? Мислам дека навикнале на тоа“, додаде Захарова.
Рускиот шеф на дипломатија, Сергеј Лавров, во средата изјави дека смета оти е неопходно да се воведат ограничувања за странските медиуми, вклучувајќи го и „Дојче веле“ и раскажа за состанокот во руското МНР на кој, според неговите зборови, од „Дојче веле“ признале дека нивните објави не биле сосем коректни во контекст на протестите во Москва.
Германскиот медиумски холдинг ја поздрави изјавата на Лавров, но фразата дека „Дојче веле“ признале некоректност во известувањето ја нарече недоразбирање, на што Захарова посочи дека целиот состанок е документиран.
Претходно, шефот на Комисијата за истражување на вмешаност во внатрешните работи на Русија при руската Дума, Василиј Пискарјов, изјави дека ќе побара од руското МНР да размисли за повлекување на акредитациите за „Дојче веле“ во Русија, поради кршење на рускиот закон.
Комисијата утврдила дека „Дојче веле“ го прекршил Законот во однос на известување за неодобрен митинг во Москва.
„Дојче веле“, од своја страна, соопшти дека ги отфрла наводите за мешање во внатрешните работи на Русија и дека очекува брзо завршување на постапката во врска со тоа.
Дека германскиот медиумски концерн сериозно ја сфаќа опасноста од затворени врати во Русија сведочи и денешниот состанок на генералниот директор на „Дојче веле“, Петер Лимбург, со членови на Комисијата со која раководи Пискарјов, а за кој извести ТАСС.