Манчестер јунајтед го доби „дербито на ружите“ на „Еланд роуд“ кај Лидс јунајтед со 2:4 во возбудлив натпревар во кој „ѓаволите“ успеаја да пропуштат водство од 2:0 за 60-тина секунди, а потоа мораа да го пуштат Фред од клупата за да ги спаси надежите за топ 4 пласман.
На силниот дожд во Лидс, Јунајтед имаа одлично прво полувреме – Хери Мегваер во 34. минута по еден корнер ги донесе во водство, за во финишот на полувремето, Бруно Фернандеш да зголеми на 0:2 и да најави убедлива победа.
Но, стартот на второто полувреме беше фуриозен за Лидс, кои експресно ја избришаа предноста на лутите ривали. Родриго во 53. минута успеа да намали на 1:2, за само една минута подоцна Рафиња (кој зачудувачки не беше стартер на мечот), да постигне фантастичен гол за израмнување.
Сепак, Ралф Рангник го направи вистинскиот потег кога ги извади Пол Погба и Џеси Лингард од игра во 67. минута и ги внесе Фред и Ентони Еланга. Бразилецот Фред во 70. минута доби одлична топка од Џејдон Санчо за да постигне убав гол за враќање на водството. Втората замена Ентони Еланга во 88. минута доби одлична топка од Бруно за да ги постави конечните 2:4
Победата ги заддржува Јунајтед на четвртото место со 46 поени, четири пред Вест хем и Арсенал, иако „топчиите“ имаат дури три натпревари помалку. За Лидс пак, поразот значи останување на 15. место со 23 поени, само пет над зоната за испаѓање.