Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Република Албанија Еди Рама, во пресрет на состанокот на лидерите од Западен Балкан што ќе се одржи утре, на 10 ноември, одржаа трилатерална средба на која разговараа и ја утврдија декларацијата со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка.
-Оваа декларација со листа на приоритети и мерки доаѓа по претходната нивна заедничка средба во Нови Сад. Во основата на декларацијата е соработката, заедничкиот ангажман и елиминирање на сите препреки за слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал, како придонес за граѓаните од сите земји од регионот во остварувањето на заедничка крајна цел – полноправно членство во ЕУ. Од определбата за поинтензивна соработка врз основа на заеднички усвоена декларација се очекува на граничните премини, покрај заедничките царински контроли да има заедничка соработка на фитосанитарните контроли, како и слободно движење на граѓаните во трите земји само со лични карти“, се вели во соопштението.
Декларацијата ги најавува можностите на отворен пазар и пристап за бизнис иницијативи во целиот регион без разлика на местото на основање на компаниите, создавање нови работни места и поттикнување на потенцијалите за севкупен развој. Оваа иницијатива отвора големи можности за младите од поврзувањето по угледот на европскиот модел за имплементирање на стандардите на ЕУ со цел економски напредок на земјите од Западен Балкан и целокупната демократска трансформација.
Вечерва на премиерите Заев и Рама и Претседателот Вучиќ ќе им се придружат и Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и министерката за економија за Црна Гора Драгица Секулиќ, на вечера што ја приредува Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, а утре ќе започне работниот дел од состанокот на лидерите на Западен Балкан.
Во програмата на утрешниот состанок е предвидена и пленарна сесија на лидерите на земјите од Западен Балкан со претставници на Европската Унија, на Советот за регионална соработка, на Светската Банка, на Европската банка за обнова и развој, на Европската инвестициска банка, по што ќе се одржи и заедничка прес конференција.