Противниците на претседателот на Боливија, Ево Моралес ги зазедоа зградите на два државни медиуми, телевизијата Боливија и радиото „Патрија Нуева”, принудувајќи ги вработените да ги напуштат своите работни места, изјави официјален претставник.
– насобраните луѓе ни се закануваа и потоа бевме насилно избркани, изјави директорот на Патрија Нуева, Иван Малдонадо.
Повеќе десетици вработени ја напуштиле зградата држејќи се за раце, додека околу 300 демонстранти ги навредувале.
Откако демонстрантите влегоа во зградата, окупираните радио и телевизија емитуваат само музика.
Ево Моралес го осуди преземањето на медиумите.
– Тие велат дека ја бранат демократијата, но се однесуваат како диктатура, напиша тој на Твитер.
Опозицијата одбива да го признае реизборот на Моралес, бидејќи смета дека изборите на 20 октомври биле нерегуларни.
Набргу откако упаднаа во двата државни медиуми, демонстрантите влегле и во радиото во сопственост на синдикатот на селаните ЦСУКТБ.
– Како член на ЦСУКТБ, витална организација за автохтоното и селско движење, го осудувам кукавичкиот и дивјачки напад врз радиото на конфедерацијата. Пучистите напаѓаат простории на синдикатот во стил на воени диктатури, напиша претседателот на Боливија.
Моралес вчера објави дека „во тек е обид за државен преврат”, по бунтот на полициските службеници во три града.
– Сестри и браќа, нашата демократија е во опасност поради обидот за пуч што го водат насилни групи против уставниот поредок. Пред меѓународната заедница го осудуваме нападот врз правната држава, напиша Моралес на Твитер по итниот состанок со министрите.
Моралес го повика народот да „ја брани демократијата”.
– Го повикувам нашиот народ во мир да се грижи за демократијата и Уставот, со цел да се сочува мирот и животот како најголемо добро над сите политички интереси, наведе боливискиот лидер.
Најмалку три полициски единици завчера се побунија против Моралес, во градовите Сукре, Кочабамба и Санта Круз.