Реконструирано лизгалиштето во СЦ Борис Трајковски

Во текот на 2021 година на Федерацијата за лизгачки спортови на Северна Македонија и‘ беше одобрен грант од Амбасадата на Република Словачка во висина од 10.000 евра.

Грантот беше одобрен по повикот на Амбасадата за мали предлог-проекти за 2021 година. На Федерацијата и‘ беше одобрен грант за реконструкција на лизгалиштето во рамки на СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје. Средствата беа искористени за затворање на јужната/сончева страна на лизгалиштето, со што се намали топењето на мразот и беше делумно реконструиран и подготвен за употреба системот за ладење.

Грантот на Словачката амбасада е голем придонес во подобрувањет на условите за тренирање уметничко лизгање и хокеј, но истовремено и условите за рекреативно лизгање. Со подобрување на квалитетот на мразот, ние како Федерација бележиме зголемен број на членови на нашата школа за лизгање, како и подобрување на перформансите на активните спортисти – изјави претседателката на лизгачката федерација, Цветанка Макаровска.

Оваа година со реконструираното лизгалиште и новата машина за мазнење на мразот, сме далеку поподготвени да ги пречекаме натпреварувачите и гостите на шестото издание на натпреварот во уметничко лизгање Skopje on ICE 2022, што ќе се одржи утре и задутре токму овде во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во Скопје – истакна директорот на центарот, Филип Даскаловски

Амбасадорот на Словачка, Н.Е Хенрик Макруш искажувајќи го своето задоволството подвлече: се надевам дека соработката ќе продолжи и во иднина, бидејќи во Федерацијата на лизгачки спортови препознавме партнер со кој ќе придонесеме за развој на лизгачкиот спорт тука.
Шестиот натпревар во уметничко лизгање Skopje on ice ќе се одржи на 18-19 февруари 2022. На него, освен домашни, ќе учествуваат и натпреварувачи од Грција, Бугарија и Србија.

Треба да знаете
Последни објави