Македонска делегација го почна учеството денеска на самитот во Најроби на Меѓународната конференција за население и развој ИЦПД под мотото „Интензивирање на ветувањата”, јави известувачот МИА.
Универзален пристап до сексуалното и репродуктивното здравје, финансирање на Акциската програма на Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД), демографски диверзитет со цел економски развој, елиминирање на родово базирано насилство и штетни пракси, како и право на сексуално и репродуктивно здравје во услови на хуманитарни кризи, се петте приоритетни области за кои ќе се расправа на самитот.
Фокус на конференцијата ќе биде ставен на реафирмација на заложби од агендата на ИЦПД и да се забрза спроведувањето на нивната Акциска програма. На форумот ќе се одбележи 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој одржана во 1994 година во Каиро.
Северна Македонија беше една од државите, потпретседавачи на Конференцијата во Каиро пред 25 години, заедно со Романија и Унгарија од регионот на Источна Европа.
На Самитот во Најроби, нашата делегацијата поддржана од Фондот за население на ОН, УНФПА учествува со 12 члена од различни министерства, институции, асоцијации и граѓански здруженија, меѓу кои сопругата на претседателот, високи претставници од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, парламентарци, претставници на стручни асоцијации, на граѓански здруженија, на младите, како и на медиуми.
Од парламентарната делегација нагласуваат дека во изминатиот период во нашата држава се направени измени во законската регулатива, буџетска алокација, подигање на јавна свест преку дебати. Во буџетот се предвидени програми за заштита на мајки и деца. Постигнато е намалување на смртноста кај новороденчиња и на мајки од високи 14,9 отсто во 2013 година на новородени – на помало од шест отсто.
Претставниците на Парламентот наведуваат дека се обезбедени буџетски средства за лекување ХИВ-сида, како и дека по ратификацијата на Истанбулската конвенција е усвоена стратегија за нејзина имплементација. Оваа година согласно глобалните заложби, во државата се донесени два значајни закона – Закон за абортус и Закон за спречување дискриминација. Во овој состав на Парламентот работат и ППГ за лица со посебни потреби и за првпат е фомирана интерпартиска парламентарна група за ЛГБТ, која работи за унапредување на правата на тие лица, нивен пристап до здравствена за штита и обебзедување основни човекови права.
На самитот кој нема да биде класичен настан на ОН, македонските претставници ќе учествуваат активно на пленарни седници на високо ниво, во работилници, тркалезни маси.
– Идејата е да се соберат претставници со различни перспективи да изнајде заедничка основа што ќе резултира со решенија што ќе ги рефлектираат заедничките вредности…Светот посветено ги засилува напорите за постигнување на Одржливите развојни цели до 2030 година (Агенда 2030 на нации) и постојано се повикува на ИЦПД, бидејќи тоа е суштината на постигнување на тие цели, изјави за МИА шефицата на канцеларијата на УНФПА во Македонија, Афродита Шаља.
Самитот се очекува да биде платформа каде што владите и другите организации ќе ги објават своите доброволни, национални, регионални и глобални заложби, вклучително и финансиски, за забрзување на процесот на развој. Тука ќе се вклучат и иновативните финансиски модели од владите, меѓународните финансиски институции, како и приватниот сектор, неопходни за остварување на целите за одржлив развој до 2030, а со тоа и Акциската програма на ИЦПД.