Градот Скопје ја обнови бистата на спомен-обележјето на првоборецот Дане Крапчев што се наоѓа на булеварот Илинден, наспроти градските бараки, и го уреди просторот околу него.
-Во пресрет на утрешниот ден – Денот на ослободувањето на Скопје, уште еден убав повод не собра тука заедно со членовите на Сојузот на борците од НОБ. Исправивме уште една неправда кон луѓето на кои им ја должиме слободата. Ја обновивме бистата на Дане Крапчев и го уредивме околниот простор за да можеме достојно да го чествуваме неговото дело. Дане Крапчев како политички комесар во Првиот скопски партизански одред игра значајна улога во обезбедувањето на слободата на нашето Скопје. Бистата на неговиот споменик, за жал беше жртва на вандалски чин заедно со бистите на повеќе учесници во НОБ во Скопје кои беа украдени или сквернавени во текот на изминативе години. Град Скопје има обврска да ги обновува овие бисти и да се грижи за уредувањето на просторот околу нив. Тоа е најмалку што можеме да сториме за овие луѓе кои ги носат најголемите заслуги за тоа што ние денес живееме слободно во сопствена држава – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој упати апел до граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на вандализирање на овие споменици, а апелираше и до органите на прогонот со посебно внимание да се погрижат за пронаоѓање и казнување на вандалите на кои им пречат овие спомен-обележја.
-Спомениците на учесниците во НОБ кои се поставени во нашето Скопје заслужуваат посебно внимание и затоа Град Скопје ќе продолжи да се грижи тие редовно да се одржуваат заедно со просторот околу нив. За мене лично, а верувам и за најголемиот дел од граѓаните на Скопје, овие спомен-обележја имаат многу поголемо значење од спомениците кои ги поставија и одржуваа нашите претходници, заборавајќи на значењето на периодот на НОБ и ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор. Мораме да продолжиме да се грижиме за споменот на луѓето кои ги положија своите животи за нашата слобода. Тоа е обврска на секој од нас. Покажувајќи почит и внимание за нивниот лик и дело покажуваме колку го сакаме сопствениот град, колку се грижиме за сопствената држава и колку се почитуваме едни со други и самите себе. Само така ќе не биде и само така ќе успееме – нагласи Шилегов.