Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ги посети Граничниот премин Јажинце и Секторот за внатрешни работи Тетово, а оствари и работна средба со градоначалникот на општина Брвеница Енвер Пајазити, како и со граѓани од оваа полошка општина.
На средбата со колегите во Полициската станица за гранични работи Јажинце и во СВР Тетово министерот Спасовски се запознал со актуелните состојби од разни области во надлежност на овие организациони единици при МВР, за обемот и квалитетот на работа, но и за постигнувањата и очекуваните резултати.
Спасовски, како што иформираат од МВР, на средбите бил запознаен дека ГП Јажинце месечно го минуваат меѓу 5.000 до 7.000 домашни и странски патници, а годинава таа бројка, заклучно со октомври, изнесува вкупно 577.856 лица кои го минале овој граничен премин, што говори за релативно зголемен проток на луѓе и стоки надвор и во нашата држава.
Во разговор со надлежните во СВР Тетово, на министерот Спасовски му биле презентирани и состојбите во разните области од криминалитет на подрачјето на овој Сектор за внатрешни работи. Притоа, особено било нагласено дека процентот на откривање на кривичните дела изнесува 71 во однос на вкупниот број евидентирани кривични дела, за период од почетокот на оваа година, заклучно со крајот на месец октомври, што претставува респектабилна бројка, споредбено со истиот период минатата година. Односно, во вкупно евидентираните 1.564 кривични дела, за 1.070 сторители се поднесени соодветни пријави. Покрај ова, особено бил истакнат падот на кривични дела од областа на класичниот криминал, пред сè кај тешките кражби и кражби, потоа падот на кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје, како и намалувањето на бројот на сообраќајни несреќи.
Спасовски, информираат од министерството, ги нагласил консинуираните напори што актуелното раководство ги прави, особено во сферата на подобрување на материјално-техничките и социјални услови за работа на полициските службеници, потенцирајќи дека примарно мора да биде професионалното работење согласно законите, што во голема мерка ќе влијае на генералното подигање на стандардите и квалитетот на работата на полицијата.
На средбата, пак, со градоначалникот на општина Брвеница, министерот Спасовски разговарал околу интензивирањето на соработката меѓу локалната власт и полицијата, односно за досегашниот квалитет на таа соработка и мерките што треба да се превземат за нејзино унапредување, со една цел – поголема сигурност и безбедност на сите жители на општината. Во тој контекст, министерот Спасовски и пред претставниците на локалната самоуправа и пред жителите на Брвеница го нагласи значењето на концептот за полицијата како сервис на граѓаните, неговото натамошно развивање, особено во делот на меѓусебна комуникација и заедничка превенција од сите предизвици што се важни за жителите на општина Брвеница.