Во главниот град на Боливија, Сукре, избија судири откако опозициската лидерка во Сенатот, Жанин Анес, се прогласи за привремена претседателка на земјата, по оставката на Ево Моралес.
Анес се прогласи за привремена претседателка на Боливија и покрај недостатокот на кворум за време на гласањето, бидејќи членовите на левичарската партија на поранешниот претседател Ево Моралес го бојкотираа гласањето, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Таа ја презеде привремената контрола врз Сенатот доцна во текот на денот, а претставниците на партијата на Моралес, Движење за социјализам, не беа присутни кога Анес го објави преземањето.
Гневните поддржувачи на Моралес се обидоа да стигнат до зградата на Конгресот, извикувајќи дека таа мора да поднесе оставка, пренесува АП.
Моралес, кој сакаше да ја трансформира Боливија како прв домроден претседател, вчера одлета во Мексико, каде му беше одобрен азил, додека илјадници приврзаници бараа негово враќање на улиците на главниот град на Боливија.
Моралес, пред два дена поднесе оставка од функцијата претседател, соочувајќи се со притисоци и протести поради обвинувања за измама на изборите на 20 октомври, на кои тој извојува убедлива победа.
Во меѓувреме, САД ја признаа боливиската сенаторка Жанин Анес за привремен претседател, а одлуката ја прифатија и Уставниот суд на Боливија, како и вооружените сили на земјата.