По фестивалите во Бусан, Варшава и Котбус, филмот „Глас“ во режија на Огњен Свиличиќ утре ќе ја доживее македонската премиера во рамките на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.
„Глас“ е копродукција меѓу „Максима филм“ од Хрватска, „Скопје филм студио„ од Македонија и „Биберче продукција“ од Србија, а проектот беше поддржан од страна на Агенцијата за филм на РСМ како и Хрватскиот аудиовизуелен центар, Хрватската радиотелевизија и Филмскиот центар на Србија.
По светската премиера во Бусан, каде што беше одлично прифатен од публиката, филмот имаше Европска премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Варшава по што фестивалскиот живот продолжи на Фестивалот во Котбус, Германија каде беше дел од Натпреварувачката програма.
,,Глас е приказна за младо момче кое пристигнува во католички интернат, каде што дава отпор на верските практики на училиштето. Сепак, учениците и наставниците го сметаат момчето за прилично чудно.’’
Сценариото за филмот го напишаа Огнен Свиличиќ и Маријана Верхоев, директор на фотографија е Маринко Маринкиќ, сценограф е Ивана Шкрабало, костимографијата е на Емилија Ивановска-Атанасовска, снимател на звук Игор Поповски, а монтажата на Наташа Пантиќ. Продуцент на филмот е Дамир Терешак а ко-продуценти се Томи Салковски и Николина Вучетиќ.
Улогите ги толкуваат: Франко Јаковчевиќ, Белма Салкуниќ, Игор Ковач, Карла Брбиќ, Барбара Вицковиќ.